На 5 и 6 декември 2011 година се одржа книжевната манифестација “Македонската литература во превод” во организација на Издавачката куќа Готен во партнерство со “Независни писатели на Македонија”, Здружението “Курс” од Сплит и фондот “Традуки” од Берлин. Во рамките на манифестацијата беа предвидени два културни настани како и интензивни средби на меѓусебно запознавање, дружење, лобирање и создавање основи за заеднички проекти во доменот на меѓународната соработка, промоција и превод.
Манифестацијата имаше за цел да упати на примерот на добра практика којшто се остварува преку фондот Традуки, преку кои постои можност македонската книжевност да се преведува на германски и на јазиците од Југоисточна Европа, а македонските писатели се претставуваат на саемите во Лајпциг, Виена, Солотурн, како и на разни индивидуални промоции и резиденции.
Но, манифестацијата требаше да поттикне и многу нови модели на соработка, нови линии на финансиска подршка, учество на саеми, фестивали и резиденции на автори, заеднички претставувања, учество во веб проекти, книжевни портали и сл.
На 05 Декември се одржа литературна вечер “Македонија чита со Традуки“ со читање од автори кои биле подржани или претставени преку фондот “Традуки”, или веќе имале и независни претставувања во регионот што го покрива фондот, а тоа се земјите од Југоисточна Европа и германофонските земји. Книжевната вечер беше замислена како читање на поканетите автори, на одломки од нивни поетски или прозни дела на мајчин, македонски или албански јазик и читање на одломки од делата во превод од македонски преведувачи.
По книжевното читање следуваше музичка вечер со настап на македонската група Старовски.
На 06 Декември се одржа тркалезна маса на тема “Одржливи начини на превод и промоција на националните литератури надвор”, по што следуваше “Вмрежување околу мали маси”, меѓусебно запознавање, размена на идеи на различни учесници, претставници на издавачите, финансиерите, преведувачите, авторите со цел да се поттикнат нови модели на соработка и нови проекти.
Двата настани се одржаа во просториите на ГЕМ клубот, на влезот од Старата чаршија, а настапот на групата Старовски беше во кафе барот Менада, на истата локација.
ПРОГРАМА НА МАНИФЕСТАЦИЈАТА
“Македонската литература во превод”
Понеделник 05 Декември, Гем Клуб, 19 часот
Книжевна вечер “Македонија чита со Традуки“
автори се: Блаже Миневски, Лилјана Дирјан, Александар Прокопиев, Ким Мехмети, Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Лулзим Хазири, Оливера Ќорвезировска, Јагода Михајловска – Георгиева, Владимир Мартиновски, Владимир Јанковски, Игор Исаковски
коктел
21 часот, кафе бар Менада (на истата локација)
концерт на групата Старовски, кафе бар Менада (на истата локација)
Вторник 06 Декември, Гем Клуб, 19 часот
тркалезна маса “Одржливи начини на превод и промоција на националните литератури надвор”
издавачи, писатели, преведувачи, Министерство за култура,
Алида Бремер – Традуки, Маја Вранчиќ, ЗГ Курс-Сплит, модератор: Роберт Алаѓозовски
21 часот, кафе бар Менада (на истата локација)
“Вмрежување околу мали маси”
меѓусебно запознавање, размена на идеи на различни учесници, претставници на издавачите, финансиерите, преведувачите, авторите со цел да се поттикнат нови модели на соработка и нови проекти.
ОДГЛАСИ ВО МЕДИУМИТЕ
Утрински весник
Дневник