Новости

Две преведувачки од македонски јазик на книжевна резиденција во Скопје

Две преведувачки на литературни дела од македонски јазик, Анамарија Цинеге Панзова и Марјанџела Бјанкофјоре, во август престојуваат на преведувачка резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамки на меѓународниот проект „Превод во движење“ (Translation in Motion), чиј македонски партнер е издавачката куќа „Готен“. Партнерски организации на „Готен“ во овој проект се организации од Франција, Црна Гора, Бугарија, Шведска, Албанија, Летонија и Србија. Проектот е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

„Превод во движење“ е проект чија цел е збогатување и засилување на протокот на преведената литература во Европа и особено меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на резиденцијалниот престој, преведувачките ќе работат на конкретен книжевен превод, ќе имаат можност да ги зголемат своите познавања на македонскиот јазик, како и уште повеќе да се поврзат со македонската литературна сцена.

Анамарија Цинеге Панзова

За време на својот престој, Анамарија Цинеге Панзова ќе работи на преводот на унгарски јазик на „Антологијата на македонската книжевност“ објавена од Институтот за македонска литература. Антологијата опфаќа избор на најзначајните книжевни дела од IX до XXI век. Составена е од осум тематски целини: македонска средновековна книжевност, македонски народни умотворби, антологија на македонската книжевност во XIX век, македонската литература во првата половина на XX век, современа поезија, македонскиот современ роман, македонскиот современ расказ и македонската драма.

Марјанџела Бјанкофјоре

Марјанџела Бјанкофјоре за време на својот престој во Скопје ќе работи на преводот на италијански јазик на романот „Идол на ѕидот“ од Елена Филиповска. Станува збор за дистописки роман, сместен во имагинарна сегашност-иднина. Романот е објавен во 2020 година.

Анамарија Цинеге Панзова е родена 1976 година во Унгарија. Завршила унгарски јазик и литература на Факултетот за општествени науки во Будимпешта. Од македонски на унгарски јазик превела дела од Гоце Смилевски, Лидија Димковска, Венко Андоновски и Ненад Јолдески.

Марјанџела Бјанкофјоре е родена 1981 година во Италија. Завршила компаративна книжевност и литературен превод на Филолошкиот факултет во Неапол, и постдипломски студии по теорија и практика на литературен превод на Универзитетот во Бари. Од македонски на италијански јазик превела дела од Влада Урошевиќ, Лидија Димковска, Александар Прокопиев и други македонски писатели.  

Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.



Остави Коментар