Новости

Естонскиот писател Тијт Алексеев во Македонија

Еден од најреномираните современи автори од Естонија, Тијт Алексеев, добитник на Европската награда за литература, е гостин на Издавачката куќа Готен по повод објавувањето на романот Поклонение, во едицијата „Алказар“. Во рамките на гостувањето, ќе се одржат два промотивни разговори во Скопје и во Струга, на кои на публиката ќе ѝ биде претставен овој несекојдневен автор на далечната естонска литература.

Во рамките на својот престој во Скопје, Тијт Алексеев, кој е претседател на Друштвото на писатели на Естонија ќе оствари средба со здружението на Независни писатели на Македонија, разменувајќи идеи за соработка меѓу двете литератури.

Гостувањето и преводот на книгата од Тијт Алексеев е овозможено преку програмата Креативна Европа на Европската унија во рамките на проектот „Подлабока Европа, поширок опсег“ во која на македонски беа преведении дела од помалку познати книжевни средини, како малтешката и естонската.

Тијт Алексеев, естонски романсиер и драмски писател, роден во 1968 година, дипломирал историја на Универзитетот во Тарту, каде што исто така се здобил со магистратура по средновековна историја. Тој работел како дипломат во Париз и Брисел, а во моментов живее во Талин. Неговиот прв расказ, Мирот од Тарту ја освои годишната награда на естонското книжевно списание Луминг во 1999 година. На Белото Кралство, трилер чие дејство се одвива во Париз и во Авганистан во 1980 година, му беше доделена награда Бети Алвер во 2006 година за најдобар дебитантски роман. Неговиот втор роман Поклонение ја освои наградата на ЕУ за литература и беше преведен на неколку јазици (италијански, унгарски, фински). Во 2011 година, тој го објави третиот роман Упориште. Тие се првиот и вториот дел од она што треба да стане трилогија. Неговата прва пиеса Легионери, за паднатите борци на Естонската легија, се појави во 2010 година и беше премиерно прикажана во 2013 година во Раквере. Таа ја доби книжевната награда Вирумаа во 2011. Уште една историска драма, Кралевите беше објавена во 2014 година и го тематизира убиството на четирите естонски кралеви за време Ѓурѓовденското востание (1343).

Од април 2016 година, Тијт Алексеев е претседател на Друштвото на писатели на Естонија.



Остави Коментар