Новости

Книжевен разговор со писателите Ренато Баретиќ и Емир Имамовиќ

Издавачката куќа „Готен“ ве поканува на книжевниот разговор со писателите Ренато Баретиќ и Емир Имамовиќ, кој ќе се одржи на 27 јуни со почеток во 20.30 во просториите на „Кино Култура“. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

На средбата ќе биде претставено и ќе се разговара за творештвото на Баретиќ и на Имамовиќ. Исто така, ќе бидат отворени теми поврзани со актуелната хрватска книжевност и состојбата со книжевноста во регионот, како и за можностите за поголемо регионално вмрежување и соработка. Во рамки на разговорот ќе се допрат и прашањата поврзани со позицијата на литературата во современото општество и нејзиниот дијалог со главните општествени и културни процеси. Секако, нема да се избегнат и темите поврзани со личните поетички начела на авторите.

Ренато Баретиќ престојува во Скопје како гостин на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, а поводот за гостувањето на Емир Имамовиќ е неодамнешното објавување на македонскиот превод на неговиот роман Трето полувреме.

Ренато Баретиќ (Загреб, 1963) е новинар и писател, кој од 1983 година живее само од пишување. Автор е на три романи, на две збирки поезија и на неколку есеистички книги. Повремено работи како филмски и телевизиски ко-сценарист. Од 2007 година е уредник на програмата на фестивалот Причигин во Сплит. За романот Осмиот повереник, кој е преведен и на македонски јазик, освоил пет најзначајни национални книжевни награди.

Емир Имамовиќ (Тузла, 1973) е босанско-херцеговски и хрватски писател и новинар. Досега објавил три романи, од кои последен е Трето полувреме. Емир Имамовиќ е исклучиво интригантен, експериментален, а сепак длабоко социјално ангажирани писател. Романот Трето полувреме се најде во потесен избор за регионалната награда „Меша Селимовиќ“.

Во Трето полувреме, кој се смета за најдобар роман на Имамовиќ, авторот се занимава со болестите на босанското општество. Војната е одамна завршена, но ништо не е драматично променето во позитивна смисла. Општеството е полно со насилни и патолошки ликови. Јавниот живот е полн со екстремни гласови: националисти, вахабити, криминалци, корумпирани политичари. Трето полувреме претставува мајсторско комбинирање на трагичното со иронијата, на грозното со гротескното. Постојат различни дози на реалност, интелектуална критика и духовит хумор, што авторот ги користи за тестирање на нервите на читателот. На техничко ниво, тој создава веристичка слика на стварноста, користи калеидоскопски нарација, комбинира различни раскажувачки времиња и паралелни дејствија во многу кратки пасуси.

Резиденцијалната програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа, „Апсолутно модерен“, се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.

Објавувањето на книгата Трето полувреме од Емир Имамовиќ и неговото гостување е реализирано со поддршка на програмата Креативна Европа на Европската Унија.



Остави Коментар