Новости

Легендарниот српски поет пристигна во Скопје

Во рамките на книжевната резиденција „Апсолутно модерен“, во Скопје, во текот на месец мај престојува познатиот српски писател Звонко Карановиќ.karanovic sam1

Неговиот престој во Скопје започна фуриозно. Нераспакуван од летот на ЈАТ, Караноовиќ настапи на дваесеттите јубилејни поетски читања „Астални проекции“, најпосетениот поетски настан во Скопје, во моментов. „Астални проекции“ се одржуваат секој прв вторник во месецот  во Арт кафето Менада.

karanovic astralni2

Звонко Карановиќ (1959) е поет и прозаист роден во Ниш, Србија. Работеше како новинар, уредник, водител на радио, ди џеј, организатор на концерти, тринаесет години беше сопственик на музичка продавница. Досега има објавено девет збирки поезија и три романи. Поезија започна да пишува под влијание на книжевниот бит. Потпирајќи се на искреноста и на емоциите пишуваше за она што му се случува. Тие песни по правило имаат приказна во себе, невообичаена, но приказна. Како што ја оценија критичарите: наративна поезија од американски тип. Публиката го прифати одлично. Имаше и свој фан клуб Сребрен Сурфер, именуван според неговата прва збирка поезија.

Со својаkaranovic astralniта шеста збирка песни Соблекување (2004) го затвори овој поетичен круг. Воден од начелото дека пишувањето е истражување и обид за откривање нешто ново, а не повторување, цели шест години запре со пишувањето на поезија. За тоа време напиша три романи. На песните им се врати во 2010 година, но со многу дилеми каде и како понатаму. Во пронаоѓањето на новиот пат му помогнаа искуствата со надреализмот, како и формата песни во проза. Тематска преокупација му е човекот на 21-от век, со сите видови страв, отуѓување, нестабилни идентитети, притисокот од медиумите и барањата на општеството во време на апсурди, иронија и хипериронија. Така се создадоа две надградени збирки песни во прозата Месечари на излет (2012) и Кафези (2013). Во својата најнова книга Златно доба (2015) ú се врати на класичната лирска нарација, но со специфична употреба на искршениот и фрагментарен јазик на клаустрофобичната и посткапиталистичката атмосфера. Обидот да се создаде портрет на анксиозен, отуѓен, контролиран и изманипулиран човек од согашноста и блиската иднина.

karanovic astralni1Трите романи кои ги напиша: Повеќе од нула (2004), Четирите ѕида и градот (2006) и Трите слики на победата (2009) ја претставуваат првата трилогија на српската книжевност во 21-от век. Сместена во периодот од април 1998 до 5-ти октомври 2000 година, трилогијата ги следи животите на тројца урбани момци кои, борејќи се за својот поглед на светот, се обидуваат да бидат слободни во неслободната земја. Таа им е посветена на изгубената генерација која во деведесеттите се отсели од Србија, настрада во балканските војни, или стана општествено маргинализирана благодарение на својот космополитизам. Сите три романи оставија голем впечаток во српската книжевна јавност. Повеќе од нула доживеа три изданија, додека романите Четирите ѕида и градот и Трите слики на победата беа во најтесна конкуренција за наградата НИН, најпрестижното национално признание за роман на годината.

Неговите песни се преведувани на англиски, француски, германски, шпански, полски, украински, грчки, унгарски, бугарски, македонски, словенечки, словачки и чешки јазик. Застапен е во многу поетски антологии, најзначајно е во New European Poets (Graywolf Press, USA, Minnesota, 2008).

Добитник е на наградата Лаза Костиќ (Месечари на излет, 2013.), Билјана Јовановиќ (Кафези, 2014.), Кочиќево перо и Кочиќева книга (Најдобрите години од нашите животи, 2014.), Душан Васиљев (Златно доба, 2016), како и на меѓународни стипендии за писатели во 2011. која ја доделува Фондацијата Хајнрих Бел (Келн, Германија).

Звонко Карановиќ живее во Белград како самостоен уметник.



Остави Коментар