Новости

„Медицински роман“ е прекрасен роман за љубовта, смртта и политиката

Рику Корхонен (1972) дебитираше на литературната сцена во 2003 година и брзо стана еден од главните современи фински писатели. Пред целосно да се посвети на литературата, работи како наставник во средно училиште и како предавач по креативно пишување на Универзитетот во Турку.

„Медицински роман“ е прекрасен роман за љубовта, смртта и политиката. Ја раскажува приказната за четири преплетени животни судбини… Крајот на летото во 2003 година е жешко и интензивно на многу начини. Во Ирак, западните сили ветуваат дека во земјата ќе ги донесат демократијата и капитализмот. Далеку од овие битки, во еден приморски град во северна Европа, младиот Никлас многу време поминува во пиење и во грижа за својата девојка Ина, чиј татко умира од рак. Една ноќ Никлас доживува визија што го променува. Верува дека нашол лек за причините за грижите на својата девојка.

Во овој прекрасно напишан роман, Корхонен создава знаменита приказна за преплетените судбини, возбудлива анализа на медиумската војна и духовита имитација на љубовен роман.

За „Медицински роман“ во 2010 година Корхонен ја добива Наградата на Европската Унија за литература.

Преводот на книгата од бугарски јазик е на Борче Георгиев.

Објавувањето на романот „Медицински роман“ се реализира во рамки на проектот „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, кој опфаќа превод на 10 книги од книжевности што припаѓаат на балтичкиот регион.

Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.



Остави Коментар