Новости

Видеозапис за книгата „Јоел и Ио Љубовна приказна“ од Геир Гуликсен

Кога се случува она нешто што не знаеме зошто, ама сепак го чекаме

Кон книгата Јоел и Ио Љубовна приказна од Геир Гуликсен

Превод од норвешки: Искра Бадева

Четврток, сабота или вторник – времето, местото или часот можеби се важни многу подоцна кога ќе им се навраќаме на спомените од најраните периоди на нашето созревање, ама во мигот кога се случува единствено важни се само неколку нешта – мирисот, топлината, и нашата големина во очите на другиот. Затоа што тоа е она што се случува кога не знаеме дека е можно, кога „не знаеме зошто го чекаме, а, сепак, го чекаме“. Отпосле дознаваме дека се вика љубов и дека знае и да боли и да се измолкне во нешто што никогаш не сме ни помислувале дека може да се повтори, особено кога сме возрасни. 

За таквата љубов, за отпочнувањето на една љубовна приказна, за раѓањето на првата љубов не во магичните и чудесни простори на бајковната идила во која се раѓаат првите чувства на препознавање во другиот, туку во секојдневието исполнето со предизвиците на реалноста зборува и Геир Гуликсен во „Јоел и Ио; љубовна приказна“. Тука се стравовите од непризнавањето во училишната средина, несигурноста во себеси, чудното однесување во необјаснивото претерано заштитничко однесување на возрасните од една страна, и внатрешното чувство на нешто необјасниво кое се препознава за момент во нечии очи.

Токму тоа и ја прави магична, затоа што Гуликсен како припадник на современата  норвешка литература за деца и младинци  го следи трендот на артикулирање и атрибуирање теми кои ја допираат реалноста на современото живеење. А тоа е литература во која јунаците и „принцезите“, „недопирливите“ и “несовладливите“ се деца и поединци растени во средина каде што подвиг е да сјаеш во средина на разведени или самохрани родители, личен или хендикеп на некој близок, одекнувачкиот звук на семејното насилство низ кој се раѓа гласот на оние што заслужуваат хармонични тонови.  

Скандинавската книжевност за деца и историски и поетички секогаш ќе се поврзува со нејзините ненадминати автори Ханс Кристијан Андерсен и Браќата Грим, а, сепак, и темите во нив не се типични за деца, тоа се впрочем, сказни за возрасни. По Првата светска војна, а особено по Втората светска војна, литературата за деца во Норвешка, поконкретно, се свртува целосно кон самото дете, неговата благосостојба, правото на уживање и безгрижност. Темите и оние на кои им се наменети добиваат пореалистичен пристап дури некаде од 70-тите години на 20 век. 

Меѓутоа денес, во ерата на 21 век може да се каже дека Норвешка ја живее новата златната доба на литературата за деца и младинци. Во земја каде што детето се доживува компетентен граѓанин, каде што децата се луѓе, не стануваат луѓе – тие се луѓе сами по себе“ и темите се поместуваат од идиличната бајковност со среќен крај и колоритни корици на кои јунаци се животните. Уште повеќе се потврдува она детското, недопрено и безгрижно, жедта за радост, палавост и неограничена смеа, личните, внатрешни странствувања во самооткривањето на себеси како единствениот јунак на кој треба да му се верува додека живат два живота кај раздвоените родители, или се обидуваат да го разберат и однесувањето на насилниот родител покрај сопственото. 

Можеби затоа и кај Гуликсен, оваа кратка воздишка од секојдневните премрежиња, првата љубов, колку и да трае кратко и да остава чувство на миг, им овозможува на децата да ги препознаат своите први предизвици на патот кон созревањето, кога се ќе биде поразбирливо, ама и еднакво нејасно, да почувствуваат што му се случува на срцето допрено од љубов, за прв пат. Денот и понатаму ќе биде дождлив, ама пламенчето на внатрешното сонце ќе гори додека се сеќаваме на тоа.

Видеото за книгата „Јоeл и Ио; љубовна приказна“ од Геир Гуликсен и Ана Фиске (илустрации) е дел од проектот „Хетеротипии на љубовта“, поддржан од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

#CreativeEurope4Books



Остави Коментар