Почитувани,
Ни претставува задоволство да ве поканиме на авторската вечер „Ангажманот помеѓу Балканот и ЕУ“ со Теофил Панчиќ, култен колумнист и критичар на белградскиот неделник Време и коментатор на радиото Слободна Европа, како и на редица други медиуми во регионот. Роберт Алаѓозовски ќе биде домаќин на авторската вечер, и тој ќе го претстави авторскиот опус на Теофил Панчиќ и ќе го модерира разговорот со присутните. Акцентот ќе биде ставен на неговите последни две книги, збирката есеи за Хрватското радио, „Гостин од галаксијата“ и дневничката проза „39 дена на јуни“, напишана по неговиот резиденцијален престој во Сплит во јуни 2014 година. Освен увидот во неговиот интелектуален ангажман, фокусиран главно на земјите од регионот, дискусијата ќе се развие и од аспект на европските перспективи на балканските земји. Теофил Панчиќ ќе биде предизвикан да се осврне, во клучот на неговиот добро познат стил, и на македонските работи, споделувајќи ги своите импресии од резиденцијалниот престој во Скопје.
Настанот ќе се одржи во ЕУ Инфо Центарот, во четврток на 19 Март, во 19 часот.
Панчиќ престојува во Скопје во рамките на резиденцијалната програма за книжевници под мотото „Апсолутно модерен“, во организација на издавачката куќа Готен, а под покровителство на Европската мрежа за книжевност и книги Традуки. Главна цел на престојот и на целокупната програма е да се продлабочат контактите со книжевната, интелектуалната и културната сцена во Македонија, како и подготвувањето на неговата најнова книга есеи за постјугословенската книжевност и интелектуална атмосфера. Во Битола, во петок, на 20 март, Теофил Панчиќ ќе ја модерира специјалната програма на Контра кадар, разговарајќи за парадоксите на носталгијата, по проекцијата на филмот, „Збогум Ленин“ во Центарот за култура во Битола.
Теофил Панчиќ е роден токму во Скопје во 1965 година, но најголемиот дел од животот го минува во Загреб, а потоа и во Белград и Нови Сад, како новинар, критичар и писател.
Во Скопје освен на кратко, на настан организиран од ЕУ Инфо Центарот, пред две години, не бил уште од дете. Очекува овој престој повторно да му ги продлабочи врските со родниот град и неговата интелектуална средина.
Автор е на дваесетина книги есеи, колумни, книжевни критики и други жанрови од кои најпознати се Урбани бушмани, Животот и смртта во српскиот посткомунизам (трилогија), Карма кома, Пепел без бавча. Нема списание на бившите југословенски простори за кое не пишувал: Ферал Трибјун, Глобус, Јутарњи лист, Монитор, Република и други. Бил член на неколку жири комисии за доделување награди, а и самиот е добитник на наградите „Југ Гризељ“, „Душан Богавац“ и „Витез позива“.
Од престојот на Панчиќ на резиденцијата во Сплит, настана книгата „39 денови на јуни“ во кои авторот преку еден вид дневничка проза ги напиша своите впечатоци од краткиот престој во овој град, но и претстави своевидна хроника на југословенските и постјугословенските настани, сеќавања, пријателства, споредби и согледби на низа појави кои се кријат врз секојдневните ефемерности. Панчиќ во книгата покажува дека краткоста на времето не е проблем за да се долови менталитетот на еден простор. Авторот тематизира длабоки интимни прашања но паралелно ги регистрира и се фаќа во борба со сите невралгични точки на современото општество, од беснеењето на национализмот до освојување на граѓанските слободи. Книгата излезе и во Хрватска и во Србија и предизвика интерес во јавноста, носејќи и различно име „39 денови во јуни“ односно „39 денови во липањ“.