Настани

Извадок од „Англискиот сосед“ на Михаил Вешим

Кметот на Плодородно беше во шеесеттите, но не беше уморен. Ситен по раст, стегнат, пргав, секој ден се будеше со нова раководителска идеја.

Ова утро имаше не една, туку неколку идеи. Пристигна во канцеларијата, седна зад бирото и нареди да го повикаат службеникот, за да му даде задачи. Но, дојде десет часот, а службеникот не се јави на работното место. А кога службеникот не се јавува на работното место, кметот тргнува по селото да го пронајде.

Веднаш го најде потпрен на оградата како разговара со блед странец, долгнавест како стап.

– Нотингам, Бугарину! – извика Кметот кон службеникот.

– Што те нема никаде? Помошта што ти ја давам секој месец, треба ли да ја заработиш?!Нотингам му даде знак со раката да се приближи.– Кмету, еве го Англичанецот… Чичо Џон, ова ни е Кметот… Претставникот на локалната власт се прибра. Ја поднамести јаката на кошулата и се подготви за официјално ракување.

Ракувањето беше придружено со насмевки од двете страни. Штета што не беа присутни новинарите, за да го забележат настанот во меморијата на дигиталните апарати.

– Од кој Манчестер сте? – праша учтиво Кметот.

– Од овој ли? – и покажа кон дресот на Нотко кој се наперчи како одликуван војник.

– Може да е од „Манчестер сити“ – рече наперчениот.

– Манчестер, тоа голем град… – се обиде да објасни Џон, но некако не му беа доволни зборовите во речникот.

– И нашето Плодородно не е лошо… – рече Кметот.

– Нема тука лоши луѓе… Правилно си се насочил…

– Агенција насочила…

– Така, де… Тие работи бидуваат со агенции – го прекина Кметот.

– Свесни сме ние, ама понекогаш се вклучуваме…Не беше јасно на каде тера Кметот. Затоа по неговата изјава настана молк….

– А бе, чичо Џон – Нотко реши да отвори нова тема.

– Зошто го продадовте вашиот Бекам прво на Шпанците, а потоа на Американците? Тој не е лош фудбалер, ама жена му е лоша!… Ќе го уништи! Го влечка по приеми, а тој кога да тренира?… И само му ги арчи парите – куќи, тоалети, автомобили!

– Замолчи малку, Нотингам! – го прекина Кметот и му појасни на Џон. – Не е лошо момчето, ама малку се занесува…Баба Мара се приближи кон тројцата мажи до оградата. Во рацете носеше сино емајлирано тенџере.

– Млеко – рече и му го подаде тенџерето на Џон.Тој го зеде и се напи. Се чини дека многу му се допадна, зашто сериозно го надигна синиот емајл и зацица долго како долг цицач.

– Од Викторија е – рече Нотко.

– Козата… Ја крстив по Викторија Бекам…Сите се насмеаја. По брадата на Џон потече млечен млаз, извади добро здиплено шамиче за нос и се избриша.

– Доста со муабети, Нотингам! – внесе сериозност Кметот.

– Фаќај се за работа!

– Кмету, дојде време за ручек! Прво да јадам… – рече Нотко.

– Работата не е зајак да избега!Кметот мавна со раката и му даде знак „слободно“ на службеникот. Реализацијата на неговите идеи се одложи за друг убав ден… Зашто убави денови во Плодородно имаше многу.

Михаил Вешим [Михаил Вешим], „Англискиот сосед“. Превод од бугарски јазик: Иван Шопов [Ivan Kalendar]. Наскоро во издание на Готен.



Остави Коментар