Новости

Дискусија на тема „Од превод до книга – лавиринт со повеќе излези“

Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Превод во движење“ организира дискусија на тема „Од превод до книга – лавиринт со повеќе излези“. Дискусијата ќе се одржи во кафе-книжарницата Буква, на 27 јуни, со почеток во 19.30 часот. На дискусијата ќе учествуваат Оливера Ќорвезироска, писателката, уредничка и лекторка, Ненад Стевовиќ, уредник и еден од сопствениците на издавачката куќа „Или-или“, Билјана Црвенковска, писателка, уредничка и сопственичка на издавачката куќа „Чудна шума“ и Жарко Кујунџиски, писател, уредник и сопственик на издавачката куќа „Антолог“. Модератор на разговорот ќе биде Владимир Јанковски, писател, уредник и преведувач.

Колку е долг пат од преводот на една книга до нејзиното издавање? Дали во македонскиот културен контекст се внимава на сите чинители во издавачкиот процес, од уредникот кој ги избира делата што треба да бидат преведени, преку преведувачот, лекторот и уредникот кој го контролира и уредува направениот превод? Дали зголемената издавачка продукција во Македонија во последниве години ја следи и зголемен интерес за читање? Дали издавачките куќи самите имаат капацитет за зголемување на читачката култура или е потребна дополнителна помош? Каква е иднината на објавувањето и читањето книги? Овие се дел од прашањата на кои ќе дискутираат и дебатираат гостите, кои во последните години оставија голема трага на македонската книжевна сцена.   

Јавниот настан е дел од проектот „Превод во движење“, меѓународен проект кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија. Целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји. Исто така, во рамки на проектот ќе бидат организирани и работилници за книжевен превод, преку кои ќе се зајакнат капацитетите на преведувачите, а ќе биде изработена и мапа на резиденции за книжевни преведувачи во Европа.   

Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.



Остави Коментар