Новости

„Кога заврши војната“ од германскиот писател Арно Сурмински објавена на македонски јазик

Издавачката куќа Готен ја објави збирката раскази „Кога заврши војната“ од германскиот писател Арно Сурмински.

Книгата „Кога заврши војната“ на современиот германски писател Арно Сурмински (1934) е составена од 29 раскази во кои авторот ги опишува последниците од Втората светска војна и искуството на ужасот од поствоениот период. Потпишувањето на капитулацијата во 1945 година, за милиони луѓе не значи и завршување на војната.

Таа на еден начин продолжува да трае во луѓето кои мора да се соочуваат со нејзините последици. Надворешните борби се престанати, но внатрешните конфликти и чувството на мачнина кај огромен број поединци продолжуваат.

Авторот го истражува внатрешниот пејзаж на тие луѓе фатени во оваа егзистенцијална замка. Тоа го прави без трошка патетика, со згуснати, напнати и минималистички описи, кои на конкретните ужаси и страдања им даваат општочовечка и безвремена димензија.

Преводот на книгата од германски на македонски јазик е на Ива Фиданчева.

Објавувањето на збирката раскази „Кога заврши војната“ се реализира во рамки на проектот „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, кој опфаќа превод на 10 книги од книжевности што припаѓаат на балтичкиот регион.

Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.



Остави Коментар