Новости

Првенецот на Лаура Синтија Черниаускаите „Здивот врз мермерот“, по кој е снимен и филм, објавен на македонски јазик

Издавачката куќа Готен го објави романот „Здивот врз мермерот“ од литванската писателка Лаура Синтија Черниаутскаите.

„Здивот врз мермерот“ е првиот роман на литванската писателка Лаура Синтија Черниаускаите, за кој во 2009 година ја доби Наградата на Европската Унија за литература.

„Здивот врз мермерот“ е умешно раскажана драма за болната осаменост, семејството и релациите меѓу жените и мажите. Черниаускаите пишува за копнежот, за недоживеаната интимност, за мекоста и тежините на срцето.

Романот ја раскажува приказната за една млада мајка и нејзиното семејство, кое посвојува шестгодишно момче неспособно да се вклопи во новото семејство и го убива својот посвоен брат. Романтична балада со заплет на трилер. Книга исполнета со толку силни емоции што речиси го чувствувате дишењето на ликовите додека ја читате.

Преводот на книгата од италијански јазик е на Анета Симовска.

Објавувањето на романот „Здивот врз мермерот“ се реализира во рамки на проектот „Балтикот вирално преку литературата на Балканот“, кој опфаќа превод на 10 книги од книжевности што припаѓаат на балтичкиот регион.

Објавувањето на книгата е поддржано од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

Трејлер од филмот работен според делото на Лаура Синтија веќе премиерно се прикажува во Литванија.



Остави Коментар